ВОВЕД

Податоците кои се релевантен индикатор како на централно така и на глобално ниво, зборуваат дека стапката на невработеност во 2020 година се зголемила на рекордни 6.5%, односно вкупно 220,3 милиони лица останаа без работа. За споредба, во 2019 година глобалната стапка на невработеност изнесувачла 5,4%, а бројот на лицата без работа изнесувал 187,4 милиони, односно само за една година бројот на невработени лица, на глобално ниво, порасна за речиси 33 милиони.

Меѓу економистите постои согласност дека растечката невработеност има третман на непосакувана состојба во економијата и укажува на ситуација во која постои неефикасно и нерационално алоцирање на ресурсите. Во вакви околности, во земјата се создава производ којшто не ги достигнува производните потенцијали на економијата. Примарна негативна последица од невработеноста е намалувањето на доходот на невработените и опаѓањето на нивниот животен стандард. Иако во многу земји во светот постојат програми за поддршка на невработените лица, сепак помошта ретко го достигнува нивото на доход што лицата би го оствариле доколку би биле вработени.

Степенот за долгата и континуирана невработеност придонесува и за:

  • еродирање на вештините на лицата;
  • демотивирање на работната сила;
  • скептицизам кон вложувањето на образование и
  • континуирана надградба на знаењето, но и други неповолни последици.

Освен ваквите директни негативни ефекти од економската природа, постојат студии и анализи кои потврдуваат дека невработеноста штетно се одразува и врз физичкото и менталното здравје на лицата кои немаат работа.

Но, негативните последици од невработеноста не застануваат овде. Невработеноста создава и дополнителни трошоци за национални економии. Најголемиот трошок е пропуштениот производ (аутпут), што би можел да се создаде во земјата доколку невработените лица биле ангажирани во продуктивни активности. Од аспект на јавните финансии, порастот на невработеноста врши притисок за зголемување на јавните расходи, истовремено намалувајќи ги јавните приходи.

Од причина што не остваруваат доход, невработените лица плаќаат помал износ директни даноци споредено со вработените. Од таму произлегува дека освен директните даноци, се намалува и износот на платени индиректни трошоци заради помалата потрошувачка на лицата без работа во однос на вработените. истовремено на расходната страна, постои зголемен притисок за финансирање на социјалната помош и програмите за поддршка на невработените коишто би обезбедиле нивно побрзо и полесно враќање на пазарот на трудот. Освен државата, штетни последици во форма на „трошоци“ од невработеноста може да се јават и кај препријатијата, односно бизнис секторот. Така, со цел да се обезбеди финансирање на зголемените јавни расходи за поддршка на невработените лица, државите можат да посегнат кон зголемување на даночните стапки со кои се оданочуваат компаниите. Ваквите политики, од друга страна, го ограничуваат или го намалуваат профитот на компаниите и влијаат демотивирачки за вработување на нови работници. Општествените трошоци од невработеноста, пак, оставаат негативни последици врз општеството во целина. 

Сето ова води кон заклучок дека високата невработеност особено е штетна економска појава којашто негативно се одразува врз економскиот живот, како врз индивидуалците, така и врз економијата и општеството во целина. Меѓутоа, не сите облици и форми на невработеност подеднакво се проблематични. Во продолжение ќе се задржиме на младинската невработеност коишто освен краткорочните трошоци за: индивидуата, економијата и општеството, можат да создадат и трајни „лузни“ врз економскиот живот во пазарните економии. Истражувањето кое е дел од проектот „Зајакнување и вмрежување на НЕЕТ млади“ како основна цел е да придонесе кон намалување на невработеноста на НЕЕТ групата на млади кои живеат во Битола и во руралните средини во околината, детектирање причини за стапката на невработеност и иницирање на нови политики кои ќе придонесат во намалување на процентот на невработеност.

Како специфичната цел кон која ќе придонесе проектот е намалување на невработеноста на НЕЕТ групата на млади кои живеат во Битола и во оддалечените села во општина Битола преку истражување на причините на невработеност, подигнување на јасната свест за младинската невработеност, обучување на НЕЕТ млади лица со цел да станат покомпететни на пазарот на трудот, и вмрежување со компании од регионот кои нудат работа. Ваквата акција има за цел да придонесе кон намалување на младинската невработеност во Општина Битола преку истражување, обуки и настани за вмрежување на бизнис заедницата со млади од НЕЕТ групата. Исто така проектот сака да ги зголеми капацитетите на НВО секторот за промовирање на методи и обуки за полесно вработување како и преквалификација на младите. Преку планираните активности ќе придонесеме кон поткревање на свеста кон другите засегнати страни за важноста од обука и вработување на млади од НЕЕТ групата.

Во рамките на проектот ќе се спроведе курс каде ќе бидат обучени над 20 млади лица кои живеат во Битола и во оддалечените села на Битола. Тренинг курсот опфаќа вештини за вработување како што се меки вештини, креирање на кватитетни CV, регистрација и бенефити на Линкедин, вештини потребни за спроведување на успешно интервју за работа, бесплатни онлајн ресурси за учење и усовршување.

1. ПОИМ ЗА МЛАДИНСКА НЕВРАБОТЕНОСТ

Според Меѓународната организација на трудот, младинската невработеност е дефинирана како состојба кога младите лица се без работа, но и активно бараат вработување и се достапни да почнат со работа, доколку ја најдат. Состојбата на невработеноста на младите се претставува во две форми:

  • како дел од вкупното население или
  • како дел од активното население, односно работна сила.

Освен овие негативни последици од невработеноста, што се прикажани предходно, невработеноста во младоста се смета дека остава долгорочни „лузни“ на подоцнежниот живот на индивидуата – ограничување на шансите за остварување висока наемнина, пониски шанси за вработување, но и ограничување на останатите животни прилики. Постојат повеќе причини со коишто може да се објаснат овие последици. Прво, невработеноста во младоста може да биде интерпретирана од потенцијалните работодаваци како негативен сигнал. Ова значи дека работодавачот може да ја протолкува информацијата на погрешен начин, односно да претпостави дека причина за невработеноста може да биде:

  • ниската продуктивност на работникот;
  • слабата работна дисциплина;
  • ограничените знаења или вештини, и сл.

Ваквиот приказ на компетенциите на потенцијалните баратели на работа може да ги одврати работодавачите од идејата да ги вработат овие лица или, пак, да ги ангажираат на пониски работни позиции, што доведува до загрозување на нивната идна материјална благосостојба. Второ, младинската невработеност може негативно да се одрази врз стекнувањето и развојот на работни вештини кај младите лица, што, пак, може да ја ограничи продуктивноста и можностите за остварување на иден доход на индивидуата. Дополнително, отсуството на одредени вештини или квалификации честопати може да се смета за индикатор за невработеноста. Освен за развој на работни вештини, вработувањето на почеток од кариерата позитивно влијае и врз развојот на не когнитивните вештини кај младите, како што се; самодисциплината; чувството на независност; интерперсоналните вештини; комуникативноста; подготвеноста за адаптирање; упорноста; самодовербата, и др. Немањето работа во млади години ги лишува поединците од развојот и на овие, особено важни, вештини, што, пак, може да доведе до негативни последици врз менталното здравје на индивидуата.

 
 
2. ОПШТЕСТВЕНО ВКЛУЧУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Младинските политики во основа се интегрирани политики насочени кон младите, вклученост на младите и кои произлегуваат од потребите на младите луѓе во општеството. Целта на овие политики е подобрување на животните и општествените услови на младите, преку нивна директна вклученост при креирањето политики и мерки кои ги засегаат нив и нивниот живот. Во однос на политиките за регулирање на одливот на млади, нивното учеството во креирање на ваквите политики е мошне важно. Преку донесувањето одлуки и градењето на јавни политики, особено на политики кои ќе ги сменат и подобруваат нивните стандарди и околности за поразвиен начин на живот, младите чувствуваат припадност кон општеството во кои живеат и стануваат политички свесни. Незаинтересираноста, невклучувањето на младите од страна на надлежните власти, ги прави младите да не се чувствуваат како припадници на своето општество и заедница, и во тој момент кога тие го немаат чувството на припадност бараат средина каде ќе бидат прифатени и ценети, што предизвикува да се иселат од земјата. Преку младинската работа младите можат да се професионализираат и да влијаат на идентификување на проблемите кои ги мачат, но и активно да работат на изнаоѓање решенија за истите. Младинската работа не претставува само краткотрајна активност, тука континуирано работење и градење на политики од страна на младите: од лоцирање на проблемот, осмислување потенцијални решенија, формално учество при донесувањето на одлуките, а некогаш и спроведување на тие политики. Младинското учество, или младинска вклученост подразбира различни форми на активности кои младите ги преземаат како: волонтерска работа (волонтерството се спомнува како приоритет во областа на социјален стандард во Стратегијата за млади на општина Кичево 2017-2022, и како приоритет во Стратегијата за млади на општина Куманово 2014-2019) учество во форми на неформално образование, врсничка едукација, учествување во работилници за донесување на одлуки и слично. Особено е важно да се спомене дека на 20.03.2018 година, била одржана првата Владина седница целосно посветена на младинските политики, 76 со цел Владата да ја истакне својата заложба за градење на овозможувачки услови за младите во земјата. Како елемент на младинско учество и младински активизам претставува и волонтерската работа. Волонтерската работа е предвидена како приоритет во областа на социјален стандард во Стратегијата за млади на општина Кичево 2017-2022 и исто така е регулирана и со Законот за волонтерство. „Според наодите на Глобалниот индекс за младински развој (поддржан од Комонвелтот) за 2016 година Македонија, во споредба со другите категории, има најслаб резултат во категоријата за граѓанско учество, кој изнесува 0,495 од 1 како највисока оценка и со тоа го зазема 92 место во светот.” Преку волонтирањето се стекнуваат искуства и вештини што подоцна можат да се применат на работното место. Освен тоа, подготвеноста на младите за преземање на покомплексни задачи на работното место, со користење на вештините стекнати на овој начин, ќе придонесат кон стекнување на доверба од страна на работодавачот и со тоа зголемување на конкурентноста на младите на работното место. Вештините што се стекнуваат преку волонтирање вклучуваат: самодоверба, комуникациски вештини, одговорност, тимска работа и иновативност во работата, што всуѓност претставува јакнење на меките вештини кои се потребни за процесот на вработување. Според индексот, 26,5% од младите имаат волонтирано, а 76,1% не волонтирале никогаш. Како причини за волонтирање на младите се се стекнување на знаења, искуство и вештини (71%), стекнување пријателства и контакти (51%), лично задоволство (35%), предуслов за вработување (20%). Младите го гледаат волонтирањето (главно во граѓански организации) како начин на стекнување меки-вештини, од кои некои се клучот за идно вработување. Волонтерството треба да се гледа како позитивна активност, бидејќи преку волонтерство младите ќе бидат дел од различни граѓански организации, младински организации или општини и така директно ќе влијаат и ќе помогнат не само на надминување на проблеми или недостатоци туку ќе го користат нивното слободно време на квалитетен начин. Од досегашните истражувања може да се констатира дека тие укажуваат на тоа дека треба да се работи на областа на волонтерството, особено од страна на локалните власти, преку промовирање на волонтерството во нивните општински стратегии. Еден од најважните елементи во младинското учество е младите да бидат политички свесни за одлуките што треба да ги донесат, но и да имаат механизам како да влијаат на процедурите. 

Младинските политики и донесувањето на одлуки треба да започнат од локално ниво, во потесните заедници, каде најпрво младите ќе можат да влијаат на подобрување на средината во која што живеат и да придонесуваат кон едукација и врсничка едукација. Ова е исклучително важно во руралните места, каде што треба да се подигне свеста, но и да се информираат младите за можностите и важноста на ваквите иницијативи. Кога се работи за младите од средините со помалку можности, тешкотиите со кои се соочуваат младите се недостиг на можности за учество, низок квалитет на јавни услуги и ограничени економски можности.
Нашите испитаници укажуваат дека на локално ниво забележливо е дека освен форма на организирање на младите во средните училишта преку училишните заедници, други форми речиси и да не постојат или пак не се активни.
Информираноста и свесноста на младите игра голема улога во процесот на донесување одлуки на централно ниво, бидејќи во тој момент ако младите веќе имаат искуство од своите локални заедници и ако веќе се информирани, тие ќе имаат поголемо влијание врз централната власт. Еден од начините со кои може да се зголеми моќта на младите во нивните општини е креирање на младински локални совети. Младинскиот совет се разликува од другите младински организации или форми на здружување поради неговата претставничка компонентаЗа младинските совети важи претпоставката дека тие имаат мандат или легитимитет да ги претставуваат младите во локалната заедница, кои како група делат заеднички карактеристики и интереси.84 Индексот на младинско учество исто така го потврдува предходно елаборирано. Овој индекс анализира три области и тоа политичка, економска и социјална област. Во економската област е прикажано дека 39,2% од младинска невработеност е најголема во регионот и 28,9% стапка на невработеност, а исто така Северна Македонија има најголема НEET стапка во регионот – 31,3%. Во социјалната област, најголемиот проблем е прибирање и наоѓање на информации за младите, особено за организациите, бидејќи не се води доволно грижа од страна на институциите за информации околу младите. Овој индекс служи за споредба на некои параметри со други земји. Може да се забележи дека во Република Северна Македонија, но и во регионот, младите имаат од 9 до 10 пати помало младинско учество. Во споредба со целните вредности кои се утврдени на ниво на ЕУ според Европската Агенда 2020 на Советот на Европа. 
 
 
 
 
3. ВКЛУЧУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ НА ЛОКАЛНО НИВО И ВЛИЈАНИЕ НА МЛАДИНСКИТЕ СОВЕТИ
Општините и месните заедници во руралните средини претставуваат најблиско ниво на државно управување со младите. Тие се првата точка или првиот апарат за помош на која младите можат да се обратат за нивните проблеми и токму затоа општините и месните заедници треба да имаат повеќе информации за потребите на младите и да им пружат помош и истовремено и да ги искористат капацитетите на младите за подобрување на квалитетот на животот во општините. Што се однесува до задоволството на младите од општините и нивните активности, просекот кажува дека тие се средно задоволни од квалитетот на животот и како општински недостатоци младите ги набројуваат: загаденоста на воздухот и животната средина, лошата инфраструктура, недоволно културни манифестации, недоволно финансии и немање на соодветни можности за вработување.  
Младинските совети пак како посебен апарат на делување постојат во неколку градови во Република Северна Македонија, и тоа во Скопје, Куманово, Струмица, Неготино, Кавадарци, Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Ресен, Радовиш, Виница, Кратово и Пробиштип. Со направеното истражување на онлајн пристапноста на овие младинските совети, и нивното делување утврдено е дека повеќето младински совети немаат сопствени веб-страници или некои имаат само Facebook страна како што тоа е случајот со општина Куманово, а активностите на младинските совети, во повеќето ситуации не се ажурирани од годините кога почнале со работа, или се ажурираат во новостите на општинските веб-страни и локалните медиуми. Целта на младинските совети е тие да бидат лесно пристапни до сите млади од сите општини со цел да се воспостави соработка и размена на информации за тоа какви активности поточно прават локалните совети, со што може да се видат потребите на младите во различни региони. Најефективно би било да им се обезбеди на младинските совети да имаат сопствени вебстрани, кои би биле водени од самите членови, при што би имало еден централизиран портал од каде ќе може да се следат активностите на советите.

Оваа препорака исто така е дадена и во документот за јавна политика од проектот „Поддршка на демократијата во мултиетничка Македонија – Младински активизам за невработеност мултикултурна демократија”. Според документот, каде се истражувани состојбите во 4 општини во Македонија, (Центар, Струмица, Тетово и Битола) каде се посочува дека „главниот проблем е недостигот на обучен кадар што ќе работи професионално со младите”, односно во рамките на локалната самоуправа не постојат одделенија за работа со млади. Исто така постои ситуација каде што членството на советите на млади не ја знае својата улога и не презема иницијатива за поттикнување и за решавање на прашањата на младите, туку единствено постои како институционална структура. Ваквата ситуација предизвикува недоверба кај младите и сомнеж во работата на советите на млади за кои постојат сомневања дека се формирани за задоволување на потребите на политичките партии и дека своите активности ги креираат во согласност со партијата која ја претставуваат и во која членуваат. Многу често овие совети на млади предизвикуваат и недоверба и кај самите совети на општините од кои се создадени. Членовите немаат доволен капацитет да лобираат кај самите локални власти и да се застапуваат за младинските политики и ова резултира со многу мали буџети што општините ги одвојуваат за младите, а посебно за работата на локалните младински совети.

Друг аспект на локалните младински совети е и тоа што овие совети постојат само проформа, и не поседуваат опремен простор каде што младите би ги спроведувале своите активности. Исто така, треба да се спомне и тоа дека и самите општини имаат дефицит на кадар кој ќе работи на младински политики или младинско вклучување. Дел од јавната администрација има недоволно познавање на усогласеноста на европската со националната легислатива и нивната примена во областа на младински политики, или пак, на младински политики работат вработени од одделението за локален економски развој (ЛЕР), што не претставува соодветно решение. Некои од општините сметаат дека за недоволната вклученост во локалниот развој, имаат вина и самите млади. Поконкретно, претставници од скопска општина посочија дека еден од проблемите е незаинтересираноста на младите: „Политиките за млади беа проектирани да бидат успешни, но зависи од заинтересираноста на младите колку сакаат своите идеи да ги реализираат, и да учествуваат во работата на општината. Општината има донесено и Локална младинска стратегија, и младите треба да постапуваат согласно таа стратегија, меѓутоа не покажаа заинтересираност од нивна страна. Оваа стратегија е донесена во 2015 година”. 

Несомнено е дека постои политичката волја кај дел од општините за спроведување на проекти со младите и со невладините организации. Дел од општините имаат локален младински совет чии членови се одбираат преку јавен повик и програма за невладини организации преку која се спроведуваат различни проекти и активности. Во исто време овие активности не се одржливи, немаат континуитет и се имплементираат ад хок. Во поглед на акцелераторите за мали бизниси пак, младинските организации потенцираат дека за жал младите не се доволно информирани и не ни знаат за постоењето на акцелераторите, но и развојот на самите акцелератори е многу мал за да придонесе во целиот систем на развојот на бизнисите. Од друга страна, велат, дека акцелераторите до сега не понудиле атрактивни програми и прифатливи цени за младите за да ги користат нивните услуги. Акцелераторите би требале да имаат повеќе поддршка и од локалната власт и од бизнис секторот. Дополнително, општинските претставници сметаат дека младите се соочуваат со многу тешкотии во државата од финансиска природа и дека недостатокот на финансиска поддршка исто така влијае кон тоа младите да се ориентирани кон излез од земјата и дека ова исто така претставува проблем во смисла на нивно ангажирање и чувство на локална припадност.
 
 
4. ПРИЧИНИ ЗА МЛАДИНСКА НЕВРАБОТЕНОСТ
Младинската невработеност, која останува на доста високо ниво, невладините организации ја издвојуваат и натаму како еден од клучните проблеми со кои се соочуваат младите во државава. Според истражување направено неодамна, констатирано е дека една четвртина од невработените лица се млади и оти дополнително многу е повисок процентот на млади луѓе кои бараат работа споредбено со сите други возрасни категории. Според податоците на Државниот завод за статистика од 2022 година, каде што податоците за економски активното население, вработеноста и невработеноста се основните статистички информации неопходни за следење на промените на пазарот на трудот, Државниот завод за статистика спроведува активности за градење на системот на информации за пазарот на трудот како предуслов за негова систематска анализа и оценка. Во таа насока, почнувајќи од 1996 година, се спроведува и Анкетата за работната сила. Според податоците кои што се достапни како активно население во Република Северна Македонија имаме 811197 жители, од кои како вработени се водат 691498 жители, додека невработени се 119 699 жители. Од тука произлегува фактот дека 47,1% е стапката на вработеност во нашата држава. Како стапка на невработеност стои 14,8%, што реално е висок процент по однос на бројот на активно население.

Македонското население старее, а процентот на младите луѓе се намалува. Ако во 2002 година младите сочинувале 23,8 отсто од вкупното население, сега имаме 17,8 отсто млади од вкупниот број на граѓани. „Односно, 150.000 млади помалку имаме во 2022 година, што укажува на сериозна демографска промена”. Ваквите флуктации ни покажуваат на итна потреба од редизајн на политиките посебно на оние кои се однесуваат на младите, како основна општествена движечка сила. Повеќе од јасно е дека развојот на секоја држава се поврзува со младите, бидејќи токму младоста е моторот на секоја економија, а најдобар пример за тоа се Кина и Индија, брзорастечки светски економии што постојано инвестираат во младите луѓе, кои подоцна сиот капацитет го вложуваат за развој на сопствената држава. Како најважните причини за младинската невработеност се издвојуваат следните: Лоша структура на квалификации (голем број на млади луѓе кои се неквалификувани или полуквалификувани); Недоследност помеѓу потребите на пазарот на труд со образовниот систем; Строгата потреба на работодавачите за вработување на луѓе со претходно работно искуство; Порастот на таканаречената сива економија, во која луѓето се дефакто вработени, но сеуште во државната евиденција се водат како невработени за да имаат право на здравствено осигурување; Како последица на ова, постојат докази за младинска обесхрабреност која се појавува во форма на иселување во странство, социјална исклученост, маргинализација или преземање на нелегални активности. Бројот на неактивни млади (оние кои не бараат активно вработување) е исто така во пораст.

5. АНАЛИЗА НА ПОДАТОЦИТЕ ОД СПРОВЕДЕНАТА АНКЕТА ЗА МЛАДИНСКА НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ОПШТИНА БИТОЛА

Во рамки на истражувањето на тема “Главни причини за младинска невработеност во Битола” целна група врз кои беше спроведено истражувањето со дистрибуција на анкетниот прашалник, беа лица на возраст од 18-30 години во општина Битола и вклученост на руралните средини кои спаѓаат во НЕЕТ групата. Прашалникот беше конципиран согласно Методологија на истражување и беше структуриран од 15 прашања кои суштински ќе дадат одговор на причините и моменталната состојба за невработеност во општината. Опфатени беа 104 испитаници и во процесот на дистрибуција на прашалникот, и се водеше грижа за степенот на родова еднаквост. Од испитаниците 53,8% беа од машки пол додека 46,2% беа од женски пол. Возрасната целна група која ја има опфатено оваа анкета се од 18 до 30 години и се опфатени сите возрасти со минимум 4 лица од секоја година. Од приказот може да се види дека возрасната структура е со мешовит состав. Највисок е процентот на испитаници на возраст од 25 години и тоа 12,5%.

Од следниот графички приказ каде е направена анализа на степенот на образование, може да заклучиме дека поголемиот дел од испитаниците се со Факултетско образование, или веќе завршен факултет, што јасно укажува на солидни познавања на струката во која се усовршува, односно 51,9% со завршено додипломски студии и исто висок процент на завршено средно образование односно 35,6%.
Ако како индикатор за успешност, по однос на понудувачка и побараувачка на работна сила, влијае местото на живеење, дел од учениците во рамки на анкетата односно, 84,6 проценти живеат во урбана средина додека пак 15,5% живеат во рурална средина.
Како особена важен момент во процесот на вработување е моделот на искуство. Дали некогаш испитаниците биле претходно вработени, дали биле во работен однос и дали им некакви претходни искуства со работата, поголемиот процент на испитанцици однос 78,8% одговориле потврдно, додека 21,2% од учениците не биле претходно вработени. Ова зборува за фактот дека поголем дел од испитаниците имале претходни работни искуства, што значи дека веќе дел од меките вештини се совладани и нема сериозни пречки за ново вработување. 
Работните вештини се стекнуваат преку различни модели на усовршување и практикување. Еден од тие модели е посета на курсеви преку кои се интензивира усовршувањето на меките вештини, и се зголемува нивната примена во моделот на вработување. Од направеното истражување 49% од испитаниците одговориле дека имаат посетувано курсеви за стручно усовршување, во ралични области, додека 51% одговориле дека не биле дел од ваков тип на обука и усовршување.
Ваквиот показател каде имаме израмнување на процентите по однос на посетата на дополнителни курсеви за стручно усовршување, всушност ни зборува за еден од проблемите кои се детектира кај младите лица во насока на индексот на невработеност. Индикативно гледано е дека недостигаат курсеви со кои би се подигнале компетенциите за меки вештини на младите а со тоа и би се зголемиле можностите за нивно вработување, и полесно наоѓање на работа.
Моделот за да се пронајде работата која е соодветна на квалификациите денес е модернизирана и најчесто каналите за пронаоѓање на работа се социјалните мрежи и медиуми. Поголем дел од оваа таргет популација користат Линкедин, бараат по портали на веб страни, Агенција за Вработување и тн. Додека други разгледуваат по огласни табли на компании, додека многу мал дел односно 4.8% поточно се лица кои не бараат работа. Едно од прашањата кое најмногу зборува за економската состојба на државата е моделот на финансирање. На прашањето која беше причината за престанок на работа ако досега сте биле во работен однос. Од направената анализа добивме одговори со различни причини за прекинување со работата. Голем дел го адресира ја проблемот на малите приходи, за доделените работните задачи, исто така слаба комуникација со вработените, недоволна доверба во колегите, работа под стрес и слично. Најчесто менаџментот немаа комуникација со вработените, мобинг на работна позиција и слично. Некои од испитаниците потенцираа дека им биле нарушени човековите права. Непрофесионалност од работодавачите кон работниците и слично. На прашањето за тоа дали тие се запознаени со некакви можности за вработување или тренинг курс за усовршување на нивните вештини во Битола и околните средини. Многу испитаници одговорија дека не се запознаени со некаква обука или курс за усовршување на нивните вештини во посакувана област, додека само 5 лица одговорија дека се запознаени со обуки и курсеви каде ќе можи да се надгради и усоврши одредена вештина. Дел од партиципантите исто така рекоја дека се запознаени со таков вид на обуки но немаа можност да учествуваат на истите. 
 
На прашањето дали мислите дека е најголемата пречка која ве инхибира во остварување на вашата цел е тоа што живеете во рурална средина и се e на 15-20 километри оддалеченoст од градот ?
 

Некои од испитаниците во руралните средини сметаат дека се спречени поради тоа што досега немале никакво работно искуство, ди дека ваквата мала оддалеченост сепак претставува пречка за целосно да може да се откријат можностите за надоградување и наоѓање на работа. Други потенцираа дека за да се работи квалитетна работа, требаат одредени насоки, а дел од нив истакнаа дека нема доволно работни места во Битола. За други е проблем превозот што немаат обезбеден превоз од работното место до дома. Други одговори на ова прашање гласеа дека недоволно информираност е причина за пречка во развојот и успехот, работната политика која кај нас владее, недоволно фирми за вработување, луѓето кои се претпоставени за избор на вработени и тоа дека немаме поволни услови за младите во нашата држава. На претпоследното прашање ги прашавме во која област би биле тие заинтересирани за да започнат некаков курс или обука за да ги надградат нивните вештини. Овде добивме интересни и динамични одговори од различни области и интереси кај младите. Со оглед на развојот на технологијата во денешно време, поголемиот дел би биле заинтересирани за започнување на курс за програмирање, “ІТ” секторот, веб девелопмент, маркетинг, софтвер тестинг, веб девелопмент менаџмент и слично. Други покажаа интереси во правниот сектор како што се човекови права, социјални дејности, администрација, човечки ресурси, економија. Исто така некои учесници покажаа интерес за курс по дизајн за внатрешен ентериер, други се заинтересирани за претприемништво, некои сакаат да започнат со учење на нов јазик,  продавач/ка. Дел од учесниците кои ја пополнаа анкетата би работаат со друго, доколку им се допадни работното место и колегите знаат добро да комуницираат со другите вработени. Имајќи ги во предвид последните светски трендови за моделот на работа, последното прашање од оваа анкета беше каков вид на работа сакаат младите, во канцеларија, онлајн или хибридна работа. Заинтересирани за  работа во канцеларија се заинтересирани 38.5%, односно 40 лица преферираат работа во канцеларија. 43.3% би работеле хибридно, односно 45 лица би сакале хибридна работа каде ќе имаат одредена флексибилност, додека пак само 16.3%, односно 17 лица само онлајн работа.

Од направеното истражување и сумираните податоци можат да се извлечат заклучоци кои ке им бидат од корист на заедницата, општината и младите во насока на подобрување на капацитетите на општините и донесување политики за намалување на степенот на невработеност. 
5.1. СОСТОЈБА НА МЛАДИНСКА НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ОПШТИНА БИТОЛА
Во време на општествено економски флуктации, вработувањето на младите лица добива се поголема важност за економски развој на Република Северна Македонија. Заложбите за продуктивна и пристојна работа за младите луѓе е еден од приоритет во работењето на општина Битола. Покрај степенот на напредок, ефективното спроведување на политиките во рамки на општината моделот за успешен пристап на вработување млади, сеуште останува предизвик. Меѓутоа, факт е дека продуктивното вработување и пристојната работа за младите не може да се постигне преку изолирани интервенции. Се наметнува потреба од системско – кохерентен пристап и целни интервенции кои ќе им помогнат на младите луѓе да ги надминат бариерите со кои се соочуваат при влезот на пазарот на труд. Особена важност се дава на моделот на јавно приватно партнерството при справување со предизвикот на невработеноста, но факт е дека главната улога ја има држава со усогласено делување и координација меѓу различните владини институции и агенции, на национално и локално ниво. Од податоците кои се достапни во Агенција за вработување на Република Северна Македонија, од состојба на 31.07.2022 година, евидентирани се 117047 (месец јули), и категорија други лица кои бараат работа 47873 лица. Сите овие податоци се регистрирани во периодот на кризата предизвикана од Covid – 19 вирусот. 
Ако направиме анализа на податоците за бројот на невработени на локално ниво, односно бројот на невработени лица во Општина Битола, со состојба од 31.07.2022 година, ќе констатираме дека вкупната бројка која се наоѓа како барател на работа во Агенција за вработување е 4668 лица од кои 2419 се жени а 2249 се мажи. 
Направената анализа на возрасната структура на младинска невработеност, односно млади од 14-29 години согласно статистиката на Агенција за вработување, дека вкупната бројка на невработено младинско население изнесува 819 лица, од кои 434 лица се жени, а остатокот се машки лица. Најголем дел припаѓа на возрасната група 25-29 години, што всушност претставува дека тоа се млади луѓе со веќе оформено високо образование, и се потенцијална работна сила во општеството. Тука се наметнува прашањето зошто таа младинска структура е онаа која е носител на индексот на невработеност на младите. Како втора таргет структура е возрасната група на млади од 20-24 години каде е застапена со 337 невработени лица. Последната категоризација е на лица на возраст од 15-19 години, кои во регистарот на невработени во Општина Битола се 51 лице.
Направена е анализа на бројот на невработени Општина Битола според степенот на образование. Бројот на лица кои се без образование изнесува 2303 лица. Тие се всушност повеќе 50% од вкупната бројка на бројот на невработени лица во Општина Битола. После оваа бројка следува бројот на невработени со непотполно средно образование, кое што согласно последните измени на Законот за образование, средното образование е задолжително, во општина Битола имаме 477 лица кои не го комплетирале овој степен на образование. Загрижувачки е податокот дека имаме и 42 магистри на наука кои се водат како невработени лица, но исто така и 4 доктори на наука кои се наоѓаат во ставката на невработени  лица. Сите овие анализи и податоци, ни говорат дека многу брзо треба да се пристапи кон креирање на политики кои ќе ги апсорбираат сите овие кадри, од оваа возрасна структура, кои претставуваат движечка општествена сила.
 
 
ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА
Покрај нискиот квалитет на образование и ниските примања, квалитетот на здравството, животната средина и социо-политичките услови се дополнителни причини поради кои младите си заминуваат од државата. Младинските организации укажуваат дека е потребна итна акција од страна на законодавната и извршната власт, политики кои ги решаваат овие проблеми на младите, но и политики кои доследно ќе се спроведуваат. Итно треба да бидат преземени соодветни мерки со цел задржување и мотивирање на младите. Мора да се активираат младинските совети во сите општини, на начин на кој ќе бидат отворени за младите од општината, каде што и оние кои не се дел од советите ќе имаат можност да ги презентираат своите идеи. Одлуките кои ќе се донесуваат на овие совети треба да бидат соодветно дискутирани и искомуницирани со младите во општината. Задолжително е потребна е поддршка од страна на општините за организирање, мобилизирање и вклучување на младите во општините во развојот на условите во самата општина. Оваа поддршка не треба да биде насочена само кон младинските организации туку и кон младите кои не се дел од формални структури.
Општините треба да имаат постојана соработка со институциите и телата на централно ниво (АВРМ, АМС, Фонд за иновации и технолошки развој), преку кои можат да се обезбедат можности за развивање на меките вештини на младите кои ќе се имплементираат на локално ниво. Суштински е важно да се зајакне чувството на припадност кон локалната заедница кај младите. Ова може да се постигне преку моделот на младински банки со тоа што тие директно би се вклучиле во градење на условите во општината како и услугите кои таа ги нуди. Со цел разменување на најдобри практики со кои може да придонесат кон подобрување на вклучувањето на младите во општината, потребно е поврзување на општините. Ова може да се постигне и преку моделот на младински банки со тоа што младите од општините и претставниците од други општини можат да ги споделуваат различните проекти кои ги спровеле како и начинот и резултатите на кој го постигнале тоа.
Зголемената информираност на младите за потребата од нивното учество во општеството како и афирмирање на важноста на нивната улога може да влијае на зголемување на заинтересираноста кај младите. За оваа цел е потребно е развивање на активности, односно спроведување на кампањи, дебати, работни групи кои ќе им доловат на младите како општествените одлуки влијаат врз нивните животи. Младите кои доаѓаат од рурални средини или од ранливи категории имаат уште помалку можности за волонтирање. Потребно е создавање на услови и квоти кои ќе ги таргетираат токму овие категории на млади, и ќе бидат искористени од младите. Училиштата/факултетите треба да ги информираат младите за можностите за волонтирање во земјата, но и да креираат иницијативи за волонтирање како вон-училишни активности кои младите ќе можат да ги вклучат како дел од своето искуство.
Scroll to Top